Со синоќешното отфрлање на Договорот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ од страна на британскиот Парламент, зголемена е неизвесноста за иднината на односите помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство.

Според предвиденото, Велика Британија треба да ја напушти Европската Унија за само 13 дена, но за сега без никаков план. Парламентот во Вестминстер денеска ќе гласа за можноста за „Брегзит без договор“, опција која пратениците речиси со сигурност ќе ја отфрлат. Ако тоа се случи, утре пратениците ќе се изјаснат за одлагање на Брегзитот, што за сега се чини и единствено реално сценарио. Но, модалитетите на ова одлагање се непознати, а Брисел губи трпение.

Топката сега е кај Британците, постојано од вчера повторуваат европските челници, но Брегзит ќе биде главна тема на дневниот ред на европските шефови на држави или влади на Самитот идната недела во Брисел.

Доколку британските пратеници утре гласаат за одлагање на Брегзитот, се очекува лидерите на ЕУ идната недела да ја прифатат оваа опција.

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, веќе стави на знаење дека за тоа да се реализира, Британците ќе треба ригорозно да го оправдаат таквото барање, од причина што никој во ЕУ не гледа поента да се продолжи со иста динамика како до сега уште шест месеци или година.

Брисел и Лондон повеќе од една година не можат да се усогласат за основните начела на Брегзит, кои потоа би овозможиле да се дефинира идното трговско партнерство помеѓу двете страни: Британците сакаат да излезат од заедничкиот пазар и царинската унија и да бидат во можност слободно да тргуваат со трети земји, бидејќи во ЕУ, трговската политика не е суверена.

Меѓутоа, за да можат тоа да го сторат, Британците не смеат да го стават во опасност единствениот европски пазар и слободата на движење. Поради тоа решението се фокусира на ирскиот остров – составен од Република Ирска, членка на ЕУ и Северна Ирска, која е дел на Обединетото Кралство, кое треба да ја напушти Унијата – каде, од една страна не смее да се појави физичка граница, од економски и историски причини, а истовремено мора да се сочува интегритетот на слободниот европски пазар.

Прашањето е како да се контролира протокот на стоки, услуги и луѓе кои би влегувале на територијата на ЕУ преку ирскиот остров ако таму нема граница?

Евентуалното британско гласање за одлагање на Брегзитот не дава никакви гаранции дека двете страни ќе успеат да ги приближат ставовите ако си дадат дополнително време.

Британската премиерка Тереза Меј ги предупреди пратеници во Вестминстер дека одлагањето ќе ја продолжи неизвесноста и ќе ја префрли контролата кај ЕУ, која ќе одлучува за рокот на одлагањето и ќе ги постави условите, кои можат да доведат до втор референдум за Брегзит.

Одлагањето нема да ги реши проблемите со кои се соочуваме – изјави Меј.

Друг проблем со одлагањето на Брегзитот се претстојните избори за Европскиот парламент, кои треба да се одржат од 23 до 26 мај. Доколку Велика Британија не ја напушти ЕУ пред тоа, таа ќе мора да учествува на овие избори, а европските институции веќе ги прераспределија британските седишта во Европарламентот на другите земји членки.

Европските челници не сакаат одлагање за само неколку месеци, со што не само што ќе се искомплицираат пресметките за Европскиот парламент, туку британските европратеници би ги задржиле своите седишта само додека не се финализира Брегзитот, а би добиле глас за суштински теми за иднината на Унијата како буџетот, проширувањето или пак трговијата.

Поради тоа, доколку стане збор за одлагање на британското истапување, станува сѐ поизвесно дека земјите членки на Унијата ќе бараат тоа да биде за значително подолг период од неколку месеци, опција која нема да им се допадне на поддржувачите на тврд Брегзит и на евроскептиците во Лондон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.