Шведска денеска објави дека сака да ангажира до 10.000 здравствени работници и негователи на постојан договор за подобрување на грижата што им се пружа на старите лица.

Состојбата со грижата за старите лица и недостигот на персонал во таа област е критична, а тоа излезе на виделина при избувнување на епидемијата.

Одлуката на властите е од договор постигнат меѓу Владата, главниот синдикат и општинските власти одговорни за грижа на старите лица.

Од 3.400 луѓе кои ги загубија животите во епидемијата речиси половината се регистрирани во домови за грижа на стари лица. До 28 арил, 90 отсто од смртните случаи беа лица со најмалку 70 години.

Премиерот Стефан Лофвен планира да потроши и до 220 милиони долари на здравствен персонал за да ги заштити највозрасните лица во државата. Уште толку пари ќе бидат наменети за локалните власти за дополнителни трошоци кои ги имаа во борбата против пандемијата, објави владата, пренесува „Блумберг“.

Како и во другите држави во светот, така и во Шведска најголем број на починати се повозрасни лица, но критичарите тврдат дека многу од тие жртви можеле да се избегнат ако властите подобро се фокусирале на заштита на најранливите групи.

Главниот шведски епидемиолог, Андрес Тегнел вели дека борбата против коронавирусот е долготраен процес, нагласувајќи дека карантините се само краткотрајно решение. Тој предупредува дека веднаш штом ќе се укине карантинот, стапката на зараза ќе почне да расте.

Според него, умерените рестрикции кои дозволуваат продолжување на нормалниот живот, се поефикасни и на општеството му овозможуваат полесно надминување на пандемијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.