Имам три главни поенти. Прво, Трамп е вистинскиот човек за ова време. Не за сите времиња, можеби не и за повеќето времиња, но секако е совршен за ова време. Второ, Републиканците не се многу успешни во објаснување пред гласачите колку се важни овие избори и што е на линија. Како трето, тие мораат да објаснат дека Демократската Партија, која е преземена од нејзиното радикално крило, води револуција. Тоа ги прави претстојните избори најважни во американската историја од изборите во 1860 година.

Да почнеме оттаму. За разлика од повеќето избори, овие се повеќе од судир околу неколку политички определби, околу здравството или даноците. Слично како изборите во 1860 година, овие избори се судир меѓу два спротиставени режими или начини на живот. Овие два начини на живот не можат да коегзистираат мирно еден со друг.

Едниот начин на живот ќе го наречам традиционален американски начин, и тој е заснован врз правата на индивидуалците, владеењето на правото и споделено разбирање на заедничките интереси. Овој начин на живот високо ја цени трудољубивоста, потпирањето сам на себе, помагањето на другите, патриотизмот и така натаму. Во овој начин на живот нема Американци со префикси – сите сме само Американци. Тежнееме кон тоа да бидеме слепи за различните бои на кожата.

Другиот начин на живот го нарекувам мултикултурализам. Други го нарекуваат идентитетска политика, или културолошки марксизам или интерсекционалност. Движењето на мултикултурализмот кое ја презема Демократската Партија е револуционерно движење. Не мислам тука на метарофичка револуција, или нешто налик на револуција. Зборувам за вистинска револуција. Ова движење се обидува да го поништи основањето на Америка, како што рече претседателот Трамп во неговиот одличен говор на планината Рашмор. Секој републиканец би требало да се согласи со него. Републиканците насекаде, на секое ниво и при секоја можност треба да го посочат тоа.

Мултикултурализмот сака да создаде општество кое нема да биде засновано врз индивидуални граѓани со еднакви права, туку збир на групи со различни идентитети, поделени по раса, пол, етничка припадност и така натаму. Според мултикултуралистите, сите овие групи се под опресија на белците. Нивната цел е секоја идентитска група да биде сразмерно застапена во секоја институција на американското општество. Веднаш станува јасно дека за да се постигне ова ниво на еднаква застапеност ќе биде неопходно да се отпочне бескраен процес на редистрибуција на имот и моќ од некои групи – не само од белците – кон други групи.

Вакво масовно прераспределување во општеството може да спроведе само тиранска влада. Како во сите тирании, сите неистомисленици ќе мора да бидат замолчени. За да се постигне ваквата пропорциолна застапеност, демократите бараат не само позитивна дискриминација без крај туку и вистински социјализам, отворени граници, неограничено тргување со светот, одземање на пушките, градови во кои нема да важат законите за имиграција и многу повеќе.

Движењето Црните животи се важни (БЛМ) и Демократите разбираат нешто што Републиканците не го сфаќаат – дека за да ги исполнат своите политички цели ќе мораат да ги натераат Американците да го сменат својот систем на вредности, принципи и начинот на кој гледаат на себеси. Ќе мора да не натераат да се согласиме со нив дека имањето национални граници и еднаквиот однос кон сите без оглед на бојата на кожата се расистички. Дека не сме една култура туку збир од многу. Дека најважното нешто во нашата историја, околу кое се друго се врти, е период на ропството.

Пошироко сфатено, мултикултуралистите сакаат да не убедат дека сме недостојни – не само дека сме грешни, што се подразбира, туку дека сме непоправливи грешници. Како што велат денес, дека сме системски расисти. И сексисти. Хомофоби, исламофоби и сите други можни „исти“ и „фоби“. Едноставно кажано, мултикултурализмот мора да не натера да помислиме дека сме лоши. Ова укажува дека претстојните избори може да се сфатат како судир меѓу еден човек, Трамп, кој смета дека Америка е добра, и друг човек, Бајден, кој е под контрола на движење кое смета дека Америка е лоша. Не мислам дека мора да ги комплицираме работите повеќе од тоа.

Мултикултуралистите сакаат да ги сменат традиционалните вредности и принципи и за тоа мораат радикално да ја сменат структурата на институциите кои ги пренесуваат тие вредности и принципи. Најважната од нив е институцијата на семејството, но другите важни институции се религијата, образованието (кое веќе во голема мерка го уништија) и општествениот живот кој сакаат да го заменат со државни бирократи. Основите на нивната револуција ги гледаме во овие институции преку кои се пренесуваат нашите вредности. Тука е вистинската борба – а

Републиканците како да се отсутни од бојното поле. Републиканците мора да објаснат дека БЛМ и нивните помагачи во Демократската Партија сакаат да го уништат традиционалното семејство кое почива на мајка и татко. За да го поткрепат ова тврдење, се што Републиканците треба да направат е да посочат кон програмата на движењето БЛМ. Нивните декларирани цели, прогласени од лице кое е посветен марксист, велат дека за БЛМ клучно прашање е промовирањето на трансродовата идеологија.

Републиканците исто така мора да објаснат дека религијата е на удар, затоа што и таа ги промовира традиционалните американски вредности. Републиканците мора да им укажат на Американците дека уривањето на статуите не значи само отстранување на неколку генерали од редовите на Конфедерацијата. Целта е да се уништи минатото на Америка, како што се прави со проектот 1619 промовиран од весникот Њујорк Тајмс.

Демонстрантите од БЛМ и нивните помагачи во Демократската Партија дури уриваат статуи на луѓе како Фредерик Даглас, кој се борел против робството. Ова не е случајно. Статуите не се уриваат по грешка. Фредерик Даглас беше голем Американец. Тој веруваше дека Америка во својата душа не е расистичка. Веруваше во вредноста на напорната работа и самоодржливоста. Тој ги прифати американските вредности и поради тоа Демократите и БЛМ сакаат да го отстранат. Тие исто така го напаѓаат и Абрахам Линколн, затоа што тој најдобро ни укажа кон што треба да тежнееме и е најдобар заштитник на основањето на Америка. На некој начин, овие избори се референдум за или против основањето на Америка – дали Америка е заснована во 1619 (годината кога првиот роб е донесен во Америка), како што тврдат БЛМ Демократите, или во 1776 (независноста на САД од Британија), како што сметаа Линколн и до неодамна сите Американци.

Републиканците мораат повеќе да се фокусираат на културата на политичка коректност и на прогонот на неистомислениците, со кои, како што многу јасно гледаме, брутално се казнуваат сите „еретици“. Што се замислуваат тие во Твитер, дека смеат да го цензурираат претседателот на САД? Американците не смеат да им дозволат да го прават тоа.

Републиканците мора да објаснат дека мултикултуралистите сакаат да не убедат дека сме непоправливо расисти, со цел капитулираме пред нивните политички цели. Ова исто така мора да биде побиено. Американскиот народ мора да слушне, како што знае длабоко во своите срца, дека не се расисти. Републиканците треба да застанат и да кажат, не, Америка не е расистичка. Точка. Ако Американците имаат нешто во својот систем, тоа е системската посветеност на слободата и еднаквите права за сите.

Можеби најважно од се, Републиканците мора одново и одново да повторат дека Америка е прекрасна, како што сака да каже претседателот Трамп, и да го потсетат американскиот народ дека, како што пак вели еден мој пријател, Америка им донела повеќе слобода и просперитет на повеќе луѓе од било која земја во историјата на човештвото. Повеќето Американци го знаат ова, но потребно е да го слушнат од устите на своите водачи. За да докажат дека Демократите водат револуција, Републиканците мора да ги делегитимираат „Црните животи се важни“ – како организација се разбира, а не како тврдење. Во одговор на ставовите на БЛМ и нивните демократски помагачи, Републиканците мора да кажат, да, апсолутно дека сите црни животи се важни, но очигледно не ви се важни на вас. На вас не ви е гајле за убиениот господин Флојд или за компаниите во сопственост на црнци кои ги уништивте.

Обичните Демократи можеби не се согласуваат со целата агенда на БЛМ, но се подготвени да продолжат да ја поддржуваат партијата, па оттаму сеедно е дали ја прифатиле целата агенда. Џо Бајден е еден од овие Демократи – поддржувачи. Не очекувајте сите Демократи да ја проповедаат идеологијата на БЛМ, но повеќето од нив ќе и се покорат. Слушнете што вели Бајден. Во еден момент, тој рече, „да бидеме на чисто, транс-родовата еднаквост е најважното движење за човекови права во овој период“. Пред една година, Бајден веројатно немаше ни да знае што е „транс-родовост“. Можеби не знае што е тоа, но е радикализиран во негова поддршка. Бајден сега постојано зборува дека имаме системски расизам во државата. Во еден момент тој, без докази, рече дека апсолутно постои системски расизам во нашата полиција, но не само во полицијата, туку насекаде, во станбената политика, во образованието, во се што правиме има расизам.

Бајден не е во право по ниту една од овие точки, но ако навистина верува дека расизмот е проткаен во се што правиме, дека е системски, тогаш, признал или не, тој верува дека системот мора да биде урнат. Бајден не го сфаќа тоа, но повикува за уривање на американскиот начин на живот. Верувам дека тоа не е неговата намера, но кога при секој настап чита од телепромптерот на БЛМ, и кога тие зборови ќе ги преточи во политички ставови, ќе дојдеме до истата последица – уништување на американскиот начин на живот. Бајден негира, вели „нема никаква причина да се плашиме од Бајден“, „дали ви личам на радикален социјалист кој ги поддржува насилните демонстранти“? Не, не личи, но личи на нивен наивен поддржувач. Републиканците мора да им објаснат на граѓаните дека протестите што се случуваат се протети на Бајден.

Ова ме води до последната поента. Трамп. Знам дека претседателот Трамп има многу слабости. И јас понекогаш се ежам кога го слушам што зборува. Понекогаш тој е својот најлош непријател, фалбаџија, честопати слабо информиран, пргав, па дури и одмаздлив. И повеќе од тоа. А сепак, имаме голема среќа што го имаме. Малку ми недостига да кажам дека тоа што се појави е дело на провидението. Како инаку да го објасниме тоа што се најдовме предводени од овој крајно необичен, крајно не-претседателски човек, кој сепак ги има атрибутите кои ни се најмногу потребни во овој момент. Во било кој друг период, тој веројатно ќе беше лош претседател. Но, во ова време, во овие револуционерни денови, тој е најдобриот претседател што можевме да го имаме. Тој ги има незаменливите атрибути на еден водач – храброст – како лидер тој оди таму каде што другите се плашат да појдат. Има и здрав разум, што значи дека најчесто сака да оди во вистинската насока. Но над се, и повеќе од се, Трамп е посветен на Америка. Тој е безрезервно, без прашање, посветен на Америка. Не чувствува вина за минатото на Америка, не се извинува, не отстапува од ништо. Ова не се секогаш атрибутите кои би сакале да ги видиме во нашите претседатели, но во време кога левичарите ни наметнуваат чувство на вина, тие се суштински важни.

Трамп има безгранична доверба во Америка. Тоа е исто така одличен лек во време кога сомнеж ни ја подјадува нацијата. Трамп мисли дека нашата култура е одлична, и сака да остане таква. Трамп не само што мисли дека Америка е извонредна, туку и знае дека сме во борба на живот и смрт. И покрај тоа што Демократите го обвинуваат без престан, Трамп е еден од најмалку расистичките претседатели што сме ги имале. Трамп не го брани белиот начин на живот, тој го брани американскиот начин на живот, начин на живот без оглед на боја, отворен за сите што се подготвени да го прифатат. Ако сакаме да си ја спасиме државата, мора да го поддржиме без резерва. Јас го поддржувам. Мислам дека овие избори се до толку важни, и дека Трамп е до толку добар. Се надевам дека ќе се согласите со мене. Запомнете, изборот меѓу Трамп и Бајден е избор меѓу човек кој верува дека Америка е добра, и човек контролиран од движење кое верува дека Америка е лоша. Ви благодарам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.