Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро реагираше на одлуката на Џо Бајден, да го прогласи за геноцид злосторството на Отоманската империја против Ерменците.

Ердоган обвини дека со таквата одлука „трета страна“ се меша во турските работи.

Никој нема да има корист од фактот дека дебатите, кои треба да ги водат историчари, се исполитизирани од „трети“ фактори и стануваат средство за интервенција во нашата земја. Не смееме да дозволиме културата на соживот на Турците и Ерменците да падне во заборав. Таа се одржува со стотици години и може да се смета за пример за целото човештво. Јас со почит го чувам споменот на Ерменците од Отоманската империја кои загинаа во тешки услови на Првата светска војна и им изразувам сочувство на нивните внуци – изјави Ердоган во пораката до ерменскиот патријарх во Истанбул, извести грчкиот портал „Њузбист“.

Претходно, Бајден објави дека САД ќе заземе официјален став дека Отоманската империја извршила геноцид врз ерменското население за време на Првата светска војна.

Почнувајќи од 24 април 1915 година, кога во Константинопол (денешен Истанбул) беа уапсени ерменски интелектуалци и водачи, милион и пол Ерменци беа депортирани и масакрирани. Ние сакаме да го зачуваме споменот на жртвите за да не се изгуби тоа што се случи – изјави Бајден.

По повод изјавата на претседателот на САД, зборуваше и министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.

Зборовите не ја менуваат историјата, ниту, пак ,можам да ја препишам. Никој нема да не научи на нашата историја. Политичкиот опортунизам е најголемото предавство против мирот и правдата. Ние целосно ја отфрламе оваа популистичка изјава – напиша министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на Твитер.

Овој потег на американската администрација се смета претежно како симболичен, но тоа ќе значи промена во однос на децении внимателно избраниот вокабулар од Белата куќа и доаѓа во време кога Анкара и Вашингтон се длабоко во спротивност за голем број прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.