Австралиската полиција објави видео од спасувањето на четиригодишната Клио Смит, која пред 18 дена исчезна од шатор во камп во Западна Австралија. Како што објавија надлежните, девојчето било пронајдено живо и здраво во заклучена куќа во градот Карнарвон, во чија близина се наоѓа кампот. Притоа е приведен 36-годишен маж.
Клио е пронајдена во една од собите. Кога еден полицаец ја зеде во раце, таа се претстави како Клио Смит. Таа прими лекарска помош и изгледаше добро со оглед на сите околности, изјави Кол Бленч, заменик командир во полицијата на Западна Австралија.
Клио Смит последен пат била видена во шаторот на нејзиното семејство во утринските часови на 16 октомври, по што беше покрената масовна потрага, а властите понудија награда од милион долари за нејзино пронаоѓање. Следејќи форензички докази, полицијата утрово упаднала во куќа, а девојчето е веќе вратено кај родителите.
Нашето семејство е повторно цело, напиша нејзината мајка Ели на Инстаграм.
Властите кажаа дека притворениот маж не е во никаква врска со семејството Смит и засега не се покренати обвиненија.
Ова се прекрасни, олеснувачки вести. Мислам дека цела Австралија се радува, напиша премиерот Скот Морисон на Твитер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.