Новите правила за јакнење на Шенгенскиот информациски систем (СИС), кој ќе придонесе во борбата против тероризмот, сузбивањето на прекуграничниот криминал и незаконските миграции, стапија денес на сила.

Денес ја затвораме најкритичната безбедносна дупка во Европската унија. Земјите-членки се обврзани да внесуваат предупредувања за терористичка опасност во зајакнатиот СИС. Секој кој претставува закана не би требало да влезе незабележано: интероперабилноста на СИС со нашите други информациски системи за безбедност, границите и миграциите во блиска иднина ќе обезбедат сите точки на нашите радарски монитори да бидат соодветно поврзани, изјави европскиот комесар за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос.

СИС е најкористениот информациски систем за безбедност и управување со границите во Европа. Унапредениот СИС ќе им овозможи на надлежните служби поефикасен надзор на луѓето кои ги минуваат европските граници, ќе им биде поддршка на полицијата и правосудството во борбата против криминалците и терористите и во идентификацијата на исчезнатите лица, особено на децата и ранливите групи возрасни. Исто така ќе овозможи спроведување на одлуката за враќање на државјаните на трети земји со незаконски престој во Европската унија.

Земјите-членки се обврзани од денес да ги споделуваат предупредувањата за одлуките за враќање на странските државјани и да разменуваат информации за терористички дела со останатите земји од ЕУ. Новите превентивни предупредувања ќе се однесуваат на деца на кои им се заканува опасност од насилство, присилен брак или грабнување. Ќе се даваат и предупредувања за идентификација на криминалците и зголемено користење на биометриските податоци.

Забраните за влез на државјани на трети земји ќе мора да бидат внесени во системот, што ќе оневозможи некој кој, на пример, добил забрана за влез во Португалија, да влезе во Шенгенскиот простор преку некоја друга држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.