Два дена по интервенцијата на шефот на француската држава Емануел Макрон како одговор на социјалната криза, Жолтите елеци се обидуваат оваа сабота повторно да го мобилизираат нивното движење низ целата земја, посебно во Париз и во Стразбур, јави дописникот на МИА.

Неколку групи на Жолти елеци го почнаа меѓународниот протест во 13 часот на плоштадот Етоал во европската престолнина Стразбур. Плакатите испишани на различни јазици беа достапни на интернет за демонстрантите кои сакаа да дојдат од странство. Организаторите на оваа иницијатива со ова се надеваа дека ќе привлечат германски или белгиски демонстранти.

Во раните попладневни часови, тие беа околу 2000 лица, а имаше и германско, покрај француските знамиња. Демонстрантите, исто така носеа транспарент на кој пишуваше „Оланд + Бајру = Макрон“ и карикатура на „Макрон во Пиксу“. Околу 15 часот се судрија демонстрантите и полицијата. Демонстрантите фрлаа камења и шишиња кон полицијата, која возврати со солзавец. Полицијата, по неколку предупредувања ја спречија поворка од 2.000 Жолти елеци да тргне кон Европскиот Парламент

Префектурата на Долна Рајна ги забрани сите демонстрации во историскиот центар, на железничката станица, како и пред европските институции – Европскиот Парламент, Европскиот суд за човекови права и пред Советот на Европа .

Во Париз имаше две поворки од неколку илјади демонстранти. Црвени елеци на Општиот работнички синдикат (СЖТ) и Жолтите елеци заедно протестираа на булеварот Монпарнас во Париз како „општ одговор“ против Владата и работодавачите. Демонстрантите носеа зад транспарентот на кој пишуваше „Наспроти глобален напад, општ одговор“. Протестот дови поддршката од повеќе левичарски партии и од повеќе познати личности.

Сенаторката од групата на зелените Естер Бенбаса, која учествуваше во протестот истакна дека „од националната дебата излезе само едно глувче“.

 Добро е што денеска сме заедно со СЖТ, бидејќи е неопходно левицата да биде обединета. Исто така ќе биде на 1 мај, за да се каже не, посочи Бенбаса.

Една од поворките во Париз одеше пред седиштата на водечките француски медиумски куќи да протестира за начинот на кои тие известуваат.

Според француската полиција на денешниот протест учествувале 5.500 луѓе од кои 2.600 во Париз. Бројките веднаш беа оспорени на Фејсбук од Жолтите елеци, кои тврдат дека протестите биле помасовни.

Полицијата во Париз извршила над 8.000 превентивни контроли и уапсила 11 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.