Возачот Мо Робинсон кој бил зад воланот на камионот на смртта во чија што приколка беа пронајдени 39 безживотни тела на мигранти од Кина, наводно се онесвестил кога ја отворил вратата и ги видел мртвите тела.

Од полицијата го убедиле судијата да им даде уште 24 часа за испитување на возачот кој е осомничен за убиство на 39-те лица пронајдени во камионот кој што го управувал.

25-годишниот Мо Робинсон бил веднаш уапсен откако полицијата ги пронајде мртвите тела во ладилникот – приколката на камионот. Тој и натаму е во притвор додека полицијата се обидува да дознае дали тој знаел дека мртвите тела на 31 маж и 8 жени, сите државјани на Кина, се наоѓаат во неговиот камион.

Негов пријател за „Дејли Мејл“ изјавил дека Робинсон го сопрел камионот за да ги земе документите од ладилникот и тогаш ги пронашол замрзнатите тела во приколката.

Мо е од најдоброто семејство кое можете да го познавате. Сигурен сум дека не знаел дека тие луѓе се во неговиот камион. Тој тргнал да ги провери документите кога го отворил ладилникот и ги видел мртвите тела. Бил ужаснат, веднаш повикал итна помош која ја известила полицијата. Слушнав дека во ладилникот било -25 Целзиусови степени и дека луѓето се смрзнале. Биле мртви веќе подолго време пред Мо да го отвори ладилникот – изјави пријател на Мо Робинсон.

Сведок за британските медиуми раскажал дека возачот Робинсон се онесвестил кога ги видел мртвите тела во приколката на неговиот камион.

Полицијата во Северна Ирска извршила претрес на три куќи поврзани со Робинсон. Националната агенција за злосторства на Велика Британија извести дека се обидуваат да пронајдат организирана злосторничка група која би можела да биде поврзана со овој случај.

Британското обвинителство отвори истрага за смртта на 39-те лица – ќе се фокусираат на сите страни вклучени во транспортот на овој камион низ Европската унија, а инаку регистриран во соседна Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.