Денес Европскиот парламент изгласа нова директива за рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот на родителите и старателите, според која мажите ќе имаат минимум 10 дена платено татковско отсуство по раѓањето на нивното дете, а се воведува и ново право на платено отсуство за нега на блиски роднини.

Новата директива влегува во сила 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, а членките имаат рок од три години за да ги внесат новите правила во своето законодавство.

Директивата, меѓу другото, предвидува минимум десет работни дена платено татковско отсуство, платено исто како и боледувањето, два месеци непреносливо платено родителско отсуство, пет дена годишно отсуство за негуватели и пофлексибилни услови за работа, вклучувајќи и работење од дома.

Со новите правила се утврдува минималниот стандард од 10 дена татковско отсуство за татковците по раѓањето на нивното дете за надомест во висина утврдена на ниво на ЕУ за породилно отсуство. Земјите-членки можат да обезбедат подолго и подобро платено отсуство, бидејќи на ниво на ЕУ се пропишуваат само минималните стандарди под кои не може да се оди.

Правилата, исто така, предвидуваат право на четири месеци родителско отсуство, од кои два месеци се непреносливи од еден родител на друг. Се воведува и ново право на работниците, старателско отсуство, односно работникот ќе има право на платено отсуство од пет работни дена годишно за да се грижи за блиски роднини што имаат потреба од помош поради нарушено здравје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.