На последниот ден од 2020 година Италија бележе 575 нови жртви од Ковид-19, како и над 16.000 новозаразени. Како што се наведува во соопштението на министерството за здравство, во три од 20 региони нивото на зараза е многу високо, а во уште 10 региони ризикот од ширење на заразата е среден или висок.

Поради тоа властите воведоа строги анти-ковид мерки за следните денови.

Од денеска па до 6 јануари цела Италија ќе биде повторно блокирана, како што беше во време на божикните празници (католички Божиќ). Тоа подразбира целосно затворање на продавниците, рестораните, трговските центри, кафулињата, а на граѓаните им е забрането движење по улиците. На улица може само во исклучителни случаи, со потврда за причината, а од 22 до 7 часот на сила е полициски час.

Анкета објавена од агенцијата Анса, покажува дека секој втор Италијанец ги поддржува антикорона мерките и е подготвен да се придржува до нив.

За вечерва, за дочекот на Новата година се најавени строги контроли со цел да се спречи собирање на повеќе од дозволениот број луѓе.

Полицијата ќе ги контролира не само јавните простори, туку и виртуелниот простор, т.е. интернет и социјалните мрежи, со цел да открие, евентуални, групни празнични прослави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.