Три луѓе починале, а 179 се повредени кога авионот од турската нискобуџетна компанија во текот на слетувањето на истанбулскиот аеродром „Сабиха Гокчен“, најверојатно поради лошите временски услови, се срушил во поле и практично се распаднал на три делови.

Авионот „Пагез ерлајнс“ полетал од Измир со 183 патници и членови на посадата.

Министерот за здравје, Фахтерин Коча рано изутринава објавил дека тројца од патниците починале, а 179 се повредени.

Аеродромот по несреќата бил затворен за сообраќај, но во околу 4 часот наутро повторно отворен, пренесуваат од „AP“, додавајќи дека и понатаму има откажани и одложени летови.

Еден од патниците, Догуш Билгич (24) изјавил дека успеал да се извлече од авионот низ дупка која се отворила во близина на неговото седиште.

Тој е еден од првите патници кој успеал да го напушти авионот Боинг 737, стар 11 години.

Летавме кон пистата околу 20 – 30 секунди, а потоа одеднаш ја промаши. Сè се случи во една секунда. Предниот дел од авионот беше во ужасна состојба. Потоа видов дека целосно се распадна – раскажал Билгич.

Од „НТВ“ наведуваат дека меѓу повредените има и двајца пилоти кои, како што се наведува се во тешка здравствена состојба.

Авионот слетал на аеродромот „Сабиха Гокчен“ од западниот турски град Измир кога дошло до тоа што Министерството за сообраќај го опишало како “грубо слетување“.

Гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја изјавил дека авионот слетал во лоши временски услови и не успеал да се “задржи на пистата“ па преминал околу 50-60 метри пред да падне во каналот од висина од 30 метри па да се сруши.

Многу сме тажни. Но, многу сме среќни што избегнавме поголема несреќа – рекол и додал дека авионот имал можност да изгори.

Аеродромот е затворен по инцидетот кој се случи вчера во 13 и 30 часот и летовите се пренасочени на главниот аеродром во Истанбул.

Пегазус е приватен, нискобуџетен авио превозник со седиште во Истанбул кој лета на 97 рути, воглавно во внатрешноста на Турција, но и до одредиштата во Европа, на Блискиот исток и Централна Азија.

На почетокот на јануари, оваа година, авион од истата авио компанија во кој се наоѓаа 164 луѓе, излета од писта на истиот аеродром во Истанбул. Во тој инцидент од 7-ми јануари немаше ниту загинати ниту повредени патници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.