Полскиот Сејм (парламент) го исполни барањето на Владата и претседателот на Полска, Анджеј Дуда, и поради зголемениот бран бегалци ја продолжи вонредната состојба во зоната широка три километри на границата со Белорусија. Во зоната не може да пристапат ниту хуманитарните работници, лекарите и новинарите, а одбиен е предлогот на Европската комисија на тој дел од границата да дојдат претставници на Фронтекс.
Еврокомесарката Илва Јохансон, која синоќа во Варшава разговараше со полскиот министер за внатрешни работи и администрација, Мариуш Камињски, соопшти дека го покренала прашањето за потребата од поголема транспарентност и гаранции и дека сите прописи се во согласност со законодавството на ЕУ.
Се согласувам дека ова е агресивно однесување на Лукашенко и дека имаме работа со очаен режим и дека е важно Европската Унија да биде обединета и остро да му одговори. Меѓутоа, изразив стравување дека мора да покажеме дека сме понакви од него и дека имаме други вредности и прописи – изјави Јохансон.
Еврокомесарката, за полската приватна телевизија ТВН24, изјави дека ЕУ има информации дека на полско-белоруската граница не е се во согласност со законите.
Знам дека Полска има свои сили, гранична служба, но заради транспарентноста ќе биде потребно присуството на Фронтекс. Го замолив министерот да разгледа се да биде транспарентно и да ги пушти медиумите на границата – додаде Јохансон.
Министерот Камињски по средбата оцени дека тоа е вештачки проблем бидејќи, според него, Фронтекс има седиште во Полска и полските власти се во постојан контакт со оваа агенција на ЕУ околу ситуацијата на границата, иако нема стражари на Фронтекс на границата со Белорусија.
Полска има своја стража и полиција. Таа соработува со Фронтекс во Литванија и на Балканот и обезбедува опрема. Тезата за недостаток на соработка е вештачки проблем – порача Камињски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.