Грета Тунберг дефинитивно го одбележа минатонеделниот собир во Обединетите нации посветен на климатските промени, кога ги праша светските лидери како се осмелуваат и понатаму да расправаат за пари и за економски развој додека планетата умира, луѓето умираат, а цели екосистеми пропаѓаат.

Нејзините зборови, за жал, паднаа во сенка поради начинот на кој таа се обрати – со лице згрчено од бес и солзи во очите. Не требаше да помине многу време за да почнат да ѝ се потсмеваат и да тврдат дека Швеѓанката е одлична глумица, а нејзниот говор е одлично режирана претстава, а Грета, всушност е изманипулирано дете.

Да се биде глобален феномен неминовно значи да бидеш под будното око на јавноста, да те нарекуваат „ментално болно дете од Шведска“ и да те исмеваат на Твитер, да те споредуваат со Гебелс, да те нарекуваат жртва на маоистичко „перење на мозок“, или пак од друга страна да повикуваат некој да те спаси од стравот и хистеријата која ја шират екопаничарите.

Во Грета мора да има макар и трошка фанатизам и во тоа се сите сигурни, иако со плетенките како Хајди делува инфантилно. Но, да биде јасно: тоа што се однесува и изгледа како да нема врска со фанатизмот има врска со Аспергеровиот синдром, пореметување од аутистичниот спектар. Една од главните одлики на овој синдром е интензивност и фокусираност. Држење за специфична идеја, за едно тесно подрачје е една од главните карактеристики на Аспергеровиот синдром. Начинот на кој говори Грета има врска со пореметувањето. Од некоја прична, тие што ја напаѓаат, често тоа го забораваат.

И можеби Тунберг никогаш нема да ја добие Нобеловата награда за мир, но, таа стана препознатливо лице на новата генерација на борци за планетата. Тунберг го артиклура стравот кој еколошки освестените луѓе го чувстуваат. Таа ја допре невралгичната точка кога го постави она детско прашање во кое се наоѓа целиот апсурд на политиката која сушите, ураганите, поплавите и глечерите ги мери во долари. Навистина, како се осмелувате?

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.