Научниците од универзитетот во Бон спроведоа еден вид на експеримент во градот Хајнсберг, кој се смета за „германски Вухан“, бидејќи беше најтешко погоден од коронавирусот. Откриено е дека вирусот не се пренесува толку лесно како што се мисли, дека има 10 пати повеќе заразени од регистрираното и дека секое петто заразено лице воопшто нема симптоми.

Тимот предводен од професорите Хендрик Стрек и Гунтер Хартман спровеле истражување во кое случајно биле избрани 600 домаќинства, од кои 405 се согласиле да учествуваат, а прелиминарните резултати сега се познати.

Истражувањето е спроведено помеѓу 30 март и 6 април, шест недели откако избувнала инфекцијата во овој град. Тестирани се 919 учесници.

Тие биле тестирани за да се види дали биле заразени или развиле антитела на коронавирусот, додека во домаќинства биле испитани начините на пренесување на заразата.

Како што било утврдено, околу 15 проценти од испитаниците биле заразени или ја прележале заразата.

Кога овој резултат од скринингот се пренесе на ниво на цела Германија, излегува дека околу 1,8 милиони граѓани имале коронавирус, десет пати повеќе од официјално регистрираниот број.

Од 6.700 лица починати во Германија, според професорите во Бон, смртноста од Ковид-19 е 0,37 проценти.

Научниците од универзитетот во Бон дошле до заклучок дека 22 проценти од заразените немаат никаков симптом на болеста, па затоа се најопасни затоа што ја пренесуваат болеста без притоа да го знаат тоа.

Студијата исто така покажала дека сите возрасни категории на населението, како и жени и мажи се подеднакво подложни на вирусот.

Сепак, германските научници откриле дека коронавирусот не се пренесува толку лесно како што се сметало

Не е пронајден жив вирус на површините во домаќинствата, а мал бил и процентот на пренесување на инфекцијата меѓу членовите на домаќинствата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.