Најмалку 10 луѓе загинале за време на насилните протести против мировната мисија на Обединетите нации на истокот на Демократска Република Конго (ДРК).

Како што соопшти гувернерот Карли Нзанзу Касивита, во демонстрациите во провинцијата Северен Киву се повредени се повеќе од 20 лица.

Протестите почнаа пред околу една недела и досега беа главно мирни, но во неделата и понеделникот станаа насилни.

Млади луѓе во градовите Гома, Бени и Бутембо поставија барикади на улиците, уништуваа куќи и деловни објекти и палеа автомобилски гуми, извикувајќи пароли против силите на ОН.

„Не успеавте, бедни“, „Не го заштитувате цивилното население“ и „Вие сте соучесници на непријателот“ – се дел од паролите.

Училиштата и деловните објекти вчера беа затворени, а безбедносните сили реагираа со употреба на сила врз демонстрантите.

Младите протестираат против зголеменото насилство на истокот на земјата, како и против „неактивноста“ на мировните сили на ОН и меѓународните организации за помош.

Последните неколку недели во овој регион има значително зголемување на нападите.

Од ОН наведуваат дека Самостојната бунтовничка група Сојузнички демократски сили (АДФ), поврзана со Исламската држава, од почетокот на годината уби над 200 лица и од домовите протера 40.000 лица.

АДФ е една од над стотина бунтовнички групи кои се активни на истокот на Конго, а многу од овие групи се борат за скапоцените природни ресурси на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.