Според најновите информации, најмалку 160 лица загинаа, додека повеќе од 360 се повредени во експлозиите во католичките цркви и хотели во Шри Ланка.
Претходно беше соопштено дека повредени се околу 280 лица.
Како што беше претходно јавено, во црквите и хотелите во Шри Ланка одекнале 6 експлозии, во три цркви и три хотели со пет ѕвездички, информира полицијата. Експлозиите се случија речиси истовремено. Според Би-би-би межу жртвите има и странци, но се уште нема подетални информации.
Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена во обраќањето кон нацијата, повика на смиреност, но и за претпазливост.
Ангажирани се сите расположиви безбедносни сили за да дознаеме кој е одговорен за овие напади и да се спречат дополнителни експлозии, рекол во обраќањето.
Премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинг го осудил нападот.
Силно ги осудувам кукавичките напади врз нашиот народ. Ги повикувам сите граѓани да останат обединети и моќни во овие трагични моменти. Ве молиме избегнете ширење на непотврдени информации и шпекулации. Владата ги презема сите мерки за да се санира ситуацијата, изјавил премиерот.
Една од погодените цркви, црквата „Св. Себастијан“ во Негомб, северно од Коломбо, објави фотографии од опустошувањето на внатрешноста на во црквата на нејзината страница на Фејсбук, каде што се гледа крв на клупите и подот.
Ве молам, дојдете во црквата и помогнете ако вашите членови на семејството се тука, се вели во повикот на црквата.
Слушнавме детонации околу 8:45 наутро. Луѓето истрчаа од црквата, викајќи дека другите се мртви. Потоа влеговме во црквата и ги видовме телата на загинатите, по што ги покривме со пластични вреќи. Набргу пристигна и полицијата и ја расчисти целата област, изјави еден очевидец.
За експлозијата никој не ја презеде одговорноста, но Шри Ланка веќе предупреди од опасност од повратниците од сириските боишта.
Националниот центар за трансфузиологија ги повика граѓаните да донираат крв, поради големиот број на повредени.
Бројот на мртви од минута во минута расте.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.