Според досега обезбедените податоци за предвременото гласање на претседателските избори во САД, бројот на Американци кои веќе гласале, пред официјалниот изборен ден, 3 ноември, укажува дека ќе има рекорден одзив на гласачи на изборите, на кои учествуваат актуелниот претседател Доналд Трамп и демократот Џозеф Бајден.
Четири недели пред изборите, веќе гласале повеќе од четири милиони Американци, што е далеку повеќе од околу 75.000 пред претседателските избори во 2016 година, забележува Американскиот изборен проект, во кој се собираат податоците за предвремено гласање.
Поголемиот одзив е поттикнат од одлуката на многу држави да дозволат предвремено гласање и гласање преку пошта поради пандемијата на корона вирусот, но и од желбата да се донесе одлука за политичката иднина на Трамп, смета Мајкл Мекдоналд од Универзитетот во Флорида, кој го води проектот.
Никогаш не сме виделе толку голем број луѓе да гласаат многу порано. Луѓето гласаат кога ќе одлучат кого да поддржат и знаеме дека голем број веќе одлучија и веќе имаат мислење за Трамп – вели Мекдоналд.
Поради наглото зголемување на бројот на гласачи кои гласале порано, Мекдоналд предвидува рекордна излезност од околу 150 милиони, што е 65 проценти од Американците со право на глас. Тоа би бил највисок процент од 1908 година, пренесува Гласот на Америка.
Според анкетите на националното мислење, Бајден има предност во однос на Трамп, иако истражувањата во сојузните држави што можат да го одлучат победникот на изборите укажуваат на тесна трка меѓу двајцата кандидати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.