Бројот на заразени со коронавирус ширум светот ја надмина бројката од 110.000, а повеќе од 3.800 починаа како последица од оваа болест, кој се повеќе се шири.
Авиокомпаниите ширум светот ги суспендираа летовите или ги променија своите услуги, како одговор на епидемијата на коронавирус, пренесува „Ројтерс“. Во регионот, во Албанија денеска се пријавени првите двајца, а Бугарија вчера потврди за четири случаи на заболени од коронавирус. Во Србија е регистриран еден случај, кај нас тројца. Сите тројца се во стабилна состојба.
Во континенталниот дел на Кина, од каде што почна да се шири епидемијата, во неделата се потврдени 40 нови случаи, а еден ден порано бројката изнесуваше 44. Од новопријавените случаи, 36 се од Вухан, каде што првично се појави коронавирусот. Бројот на потврдени случаи во Кина порасна на 80.735, а бројот на починати засега е 3.119.
Јужна Кореја пријави 69 нови случаи, што значи дека во таа земја досега се заразени 7.382. Во Бангладеш се пријави првите три случаи, меѓу кои двајца кои неодамна се вратиле од Италија.
Малдиви го ограничија движењето на неколку острови, соопштија вчера власите, бидејќи во земјата вчера се пријавени првите два случаи на коронавирус.
Во Европа, во Велика Британија вкупниот број на заразени порасна за 30 отсто и сега изнесува 273, а тројца починаа. Бројот на жртвите во Италија порасна на 366, а 7.375 лица се заразени. Вкупно 16 милиони Италијанци се во карантин. Затворени се училишта, музеи, ресторани. Во Франција починаа 19 лица, а бројот на заразени е 500. Во Германија нема смртни случаи, а пријавени се 902 заразени.
Во Иран 194 лица починаа, а 6.566 се заразени. Во Египет почина 60-годишен германски турист, што е прва жртва на коронавирусот во таа земја. Саудиска Арабија денеска пријави четири нови случаи, со што вкупниот број на заразени порасна на 15.
Еден маж, стар околу 80 години, почина во болница во Сиднеј, што е трета жртва во таа земја.
Еден пациент кому му бил дијагностициран коронавирус во саботата во Аргентина, почина. Тоје првата жртва во Латинска Америка. Парагвај, исто така го забележа првиот случај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.