Повеќе од 10 милиони Американци веќе гласале на претседателските избори на 3 ноември по пошта или со првично гласање.
Гласачите дадоа вкупно 10.296.180 гласачки ливчиња, што е рекорд – објави американскиот Проект за избори на Универзитетот во Флорида на својата веб-страница.
Гласачите во американската држава Џорџија биле принудени да чекаат во долги редици пред избирачките места на првиот ден од предвременото гласање. Во последниве години, во државата има проблеми со гласањето, а на одделни места се чекаше повеќе од шест часа за да се гласа.
Џорџија не е единствената држава со исклучително долги редици на првиот ден од предвременото гласање. Локалните власти пријавија невидена излезност на првиот ден од предвременото гласање во Вирџинија и Охајо.
На претседателските избори годинава се очекува да има рекорден одoѕив. Во исто време, постојат стравувања дека големиот број случаи на заразени со корона вирус ќе се зголемат поради метежот на гласачките места. Поради таа причина, властите и невладините организации ги повикуваат луѓето да гласаат по пошта или порано на избирачките места.
Американскиот претседател Доналд Трамп се врати во изборната кампања помалку од две недели откако објави дека е заразен со вирусот на собир во Санфорд, Флорида, каде што, без маска на лицето, го пофали своето управување со епидемијата.
Влегувајќи на аеродромот во Санфорд, Трамп фрли маски во толпата, а за време на неговото обраќање, тој во неколку наврати зборуваше за закрепнувањето од Ковид-19.
Завршив со вирусот. Тие велат дека сум имун сега. Се чувствувам толку моќно. Се чувствувам толку моќно што може да влезам во публиката и да ги бакнам сите. Ќе бакнам момчиња и убави жени, на сите ќе им дадам голем дебел бакнеж – изјави Трамп пред илјадниците приврзаници кои стоеја збиени заедно, повеќето без маски.
Митингот се одржа неколку часа откако Белата куќа објави дека бил негативен на тестот за вирусот и дека повеќе не е заразен.
Демократскиот кандидат Џо Бајден вчера имаше два предизборни настапи во Охајо.
Тој го критикуваше Трамп за минимизирање на заканата од вирусот и ја исмејуваше изјавата на претседателот дека „не сака да паничи меѓу Американците“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.