Добитникот на Нобеловата награда за мир за 2018 година, лекарот од Конго, Денис Муквеге изјави денеска дека ниту 20 години по војната во Косово никој до сега не е осуден за сексуално насилство врз косовските жени, јави дописникот на МИА од Приштина.

Муквеге, кој во Приштина учествува на конференција по повод 20-годишнината од основањето на Косовскиот центар за рехабилитација на преживеаните жртви на тортура, изјави дека долго време чекал да го посети Косово и да ги сретне одблизу жртвите на сексуална тортура.

Дваесет години по војната во Косово ниеден случај не е осуден и ова е негативна порака за жртвите на сексуалното насилство. Сите треба да ги поддржиме тие жени кои страдаат во нивните тела. Правдата нема само улога на казнување, туку треба и да го спречи повторувањето на злосторствата и да интервенира за оздравување на жртвите – порача Муквеге.

Тој апелира посебно кај новинарите и кај граѓанското општество да ги поддржат тие жени и да ги охрабруваат да се пријават во владината Комисија за признавање и утврдување на статусот на силувани лица во последната војна во Косово за да ги пријават случаите.

Конгоанскиот гинеколог Денис Муквеге, кој со години важи за водечки експерт во светот за третман на повреди од групни силувања и е активист против сексуалното насилство, минатата година ја доби Нобеловата награда за мир заедно со ирачката активистка за човекови права и специјална амбасадорка на Обединетите нации, Надја Мурад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.