Израелскиот премиер, Нафтали Бенет, порача дека Израел му прави „голема услуга“ на светот со испитување на ефикасноста на третата доза од вакцинација против Ковид-19 врз дел од своето население. Ваквата порака на Бенет доаѓа како одговор на повикот на Светската здравствена организација (СЗО) за мораториум на нанесувања трета доза од вакцините против Ковид-19.

Израел минатиот петок почна кампањата за вакцинирање на лицата над 60 години со трета доза, главно со вакцината на „Фајзер/БиоНТек“.

Претседателот Исак Херцог и лидерот на опозицијата, Бенјамин Нетанјаху, ја добија третата „бустер“ доза за зајакнување на имунолошкиот систем, бидејќи делта верзијата на вирусот што се шири во моментов е позаразна од другите.

Првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во средата повика на прекин на вакцинацијата со трета доза, со цел да се овозможи пристап до вакцините за сиромашните земји, кои вакцинирале само мал дел од својата популација.

Израелската Влада вчера не објави соопштение како одговор на СЗО, но премиерот Бенет, одговарајќи на новинарски прашања ја бранеше одлуката на неговата влада да продолжи со „бустер“ дозата.

Ние не го правиме ова само за нас. Ние сме, од една страна, мала земја, така што нема да влијаеме врз светските залихи од вакцини (…), а од друга, ќе добиеме корисни информации и веднаш ќе ги споделиме со остатокот од светот. Без нас, светот не би знаел ништо за ефикасноста на ревакцинацијата (…), затоа ние на остатокот од светот му правиме голема услуга – изјави израелскиот премиер.

Од израелското министерство за здравство соопштија дека од почетокот на новата кампања за вакцинација, повеќе од 262.000 Израелци над 60-годишна возраст или 21 отсто од оваа возрасна група, ја добиле третата доза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.