Заменикот министерот за надворешни работи на Русијам Сергеј Рјабков, изрази загриженост поради тоа што САД и НАТО не покажуваат отвореност кон серијата безбедносни гаранции што официјална Москва ги побара од нив. Русија побара од Западот ветување дека Алијансата ќе се откаже од какво било воено дејствување во Украина и Источна Европа, како и дека НАТО повеќе нема да се шири кон руските граници.
Москва неделава ги предаде своите предлози до САД во контекст на стравувањето на западните земји дека Русија може наскоро да почне напад врз Украина, нешто што Русија категорично го отфрла.
Русија истакнува дека реагира на заканите за сопствената безбедност бидејќи Украина има сè поблиски односи со НАТО и сака да стане членка на воениот пакт. Од Москва порачуваат дека нејзиниот безбедносен пакет е патот за смирување на тензиите во Европа и избегнување воен конфликт.
Русија има осум клучни предлози, кои се:
– Да се исклучи понатамошно ширење на НАТО и влегување на Украина во сојузот;
– Да не се распоредуваат нови единици и оружје надвор од земјите во кои се наоѓале во мај 1997 (пред источноевропските земји да влезат во НАТО), освен во исклучителни случаи со согласност на Русија и членките на НАТО;
– НАТО треба да се откаже од какви било воени активности во Украина, Источна Европа, на Кавказот и во централна Азија;
– Да не се распоредуваат проектили од среден и краток дострел на места од каде може да се гаѓа територијата на другата страна;
– Да не се спроведуваат вежби со повеќе од една воена бригада во договорено погранично подрачје и редовно да се разменуваат информации за воените вежби;
– Да се потврди дека страните нема да се сметаат за противници и да се сложат сите спорови да ги решаваат по мирен пат и дека ќе се воздржуваат од користење сила;
– Да се вети дека нема да се создаваат услови кои другата страна би можела да ги смета за закана;
– Да се воведат дежурни линии за контакти во кризни ситуации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.