Во Москва од утре, започнува третата фаза од мерките за ублажување, кои беа воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот. Од утре ќе се отворат рестораните, спортските сали и предучилишните установи во главниот град на Русија, а жителите на Москва ќе можат повторно да ја користат инфраструктурата наменета за спортски активности и одмор, напиша градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.
Од утре, по пауза од три месеци, рестораните и кафеаните ќе започнат со работа. Спортските сали, базените и спортските комплекси ќе ги отворат вратите. Библиотеките и предучилишните установи исто така ќе работат повторно, напиша градоначалникот, додавајќи дека речниот сообраќај повторно ќе започне да се одвива по реката Москва.
Иако работата на туристичките водичи сè уште е забранета во Москва, туристичките агенции ќе ги отворат своите врати и со тоа ќе го означат почетокот на туристичката сезона, пренесува агенцијата ТАСС.
Сепак, жителите на Москва ќе бидат обврзани да носат маски, ракавици и да држат физичко растојание, нагласи Собјанин.
Мора да одржуваме физичко растојание, да носиме маски и раквици. Верувајте ми, јас исто така би сакал да ги укинам сите ограничувања што е можно поскоро. Сепак, не смееме да дозволиме никаков ризичен чекор што би ги уништил повеќемесечните резултати во борбата против пандемијата, напиша градоначалникот на Москва.
Собјанин вели дека бил запрашан неколку пати кога ќе се вратат нормалните времиња.
Постепено ќе ги укинуваме ограничувањата и тие одлуки ќе бидат засновани на анализи за реалната состојба и предвидувања за развојот на пандемијата, потенцира Собјанин.
Тој додаде дека многу зависи од тоа како ќе се однесува вирусот, затоа што научниците сè уште го немаат вистинското знаење за ковид-19.
Сепак, многу повеќе ќе зависи од нас. Грижете се за себе и за оние блиски до вас. Ова е најбезбеден и најбрз начин да се победи оваа инфекција, заклучи Собјанин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.