Сега е моментот да отвориме пристапни преговори со Македонија и со Албанија за да се зајакне постигнатиот напредок на Балканот – порача денеска високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Во говорот за „Улогата на ЕУ како глобален играч” на Универзитетот Оксфорд таа рече дека се надева оти европските лидери во следните денови ќе ја донесат вистинската одлука.
Според Могерини, Унијата мора да се стабилизира и да го обедини сопствениот континент со внесувањето на Западен Балкан во ЕУ.
За да ги направиме војните невозможни на нашиот континент, потребно е да се обедини Европа со воведување на Балканот во ЕУ. Во последните години направивме значајни чекори, почнувајќи од договорот меѓу Грција и Македонија, а важен напредок, и покрај тешкотиите, постигнат е и во дијалогот меѓу Белград и Приштина – вели Могерини.
Таа додаде и дека сите шест партнери во регионот спровеле клучни реформи и оти лидерите и народите од Западен Балкан станале свесни за важноста од меѓусебната соработка, принципот од кој што почнале и првите чекори кон создавање Европска унија, по Втората светска војна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.