Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ едногласно се договорија да ги продолжат економските санкции против Русија за дополнителни шест месеци, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Лидерите на Европскиот совет едногласно се согласија да ги продолжат економските санкции против Русија. Ја повикуваме Русија да се придржува до својот дел од договорот и да продолжи со спроведувањето на договорите од Минск – изјави синоќа Мишел.

Како што јави руската агенција ТАСС, лидерите на ЕУ на вчерашниот самит се договориле и да воведат дополнителни санкции за Русија, во партнерство со САД и Велика Британија, доколку руската армија ја нападне Украина.

Секоја натамошна воена агресија врз Украина ќе има огромни последици и сериозни трошоци како одговор, вклучително и рестриктивни мерки координирани со партнерите, истакнуваат лидерите на ЕУ во завршното соопштение објавено по вчерашниот самит во Брисел.

Во 2014 година, ЕУ воведе санкции кон Русија поради настаните во Украина и припојувањето на Крим кон Руската Федерација.

Кремљ ги негира обвинувањата на Западот, вклучително и каков било план за инвазија на Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.