Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека дигиталната трансформација, која денес повеќе од кога било ги дефинира демократските системи и животот на граѓаните, носи не само огромни можности, туку и ризици за демократијата.

Ние во Европа се стремиме да ги ставиме демократските вредности во срцето на нашата дигитална трансформација, фокусирани на луѓето и нивната благосостојба. Веруваме дека овој пристап може да биде глобален модел за бесплатен, безбеден интернет базиран на вредности – истакна Мишел на онлајн Самитот за демократија, организиран од американскиот претседател Џозеф Бајден.

Тој ја истакна огромната моќ на интернетот да ги зближи луѓето и да ги поврзе заедниците во тешки времиња, особено видлива за време на пандемијата на коронавирусот, а како негова најголема вредност ја опиша „моќта да ги повика политичарите и јавните институции на одговорност“.

Ова не е обична моќ. Тоа е посебна моќ без преседан. Но, како и сите нови и моќни алатки, нашата дигитална трансформација носи нови предизвици за нашите демократии – рече Мишел.

Мишел ги наведе хакерските напади како еден од најголемите предизвици, велејќи дека тие можат да парализираат поединци, компании и влади.

Сè пософистицираните форми на манипулација и мешање со информации станаа почести и подеструктивни. Тие ја тестираат нашата вера во фактите и го сеат семето на сомнежот – нагласи Мишел.

Тој, исто така, рече дека не сите големи технолошки компании покажале подготвеност да прифатат одреден степен на одговорност што би бил согласно нивната доминација на пазарот и контролата на податоците, на кои тие го засноваат своето огромно влијание врз демократските процеси.

Верувам дека луѓето кои се соочуваат со овие предизвици сакаат иста заштита на интернет како и во офлајн светот. Граѓаните на ЕУ веруваат дека нашето дигитално општество треба да се заснова на европските вредности – додаде Мишел.

Претседателот на Европскиот совет, исто така, рече дека демократиите меѓу себе се разликуваат, но она што им е заедничко е „да им дадат моќ на луѓето“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.