Министрите за финансии на земјите членки на Европската Унија вчера вечер постигнаа договор за пакет помош од 500 милијарди евра за европските земји што се тешко погодени од пандемијата на коронавирусот.
Претседателот на Еврогрупата, Марио Сентено, објави дека е постигнат договор по маратонските дискусии во Брисел, пренесува Би-би-си.
Сепак, министрите не го прифатија барањето на Франција и Италија земјите членки на ЕУ да ги споделат трошоците за кризата со издавање на таканаречените „коронаобврзници“.
Европската централна банка повика да се одобри пакет помош до 1.500 милијарди евра, проценувајќи дека толкава сума ќе биде потребна за да се санираат ефектите од кризата.
И покрај ова, францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер го поздрави договорот, кој го опиша како најважниот економски план во историјата на ЕУ.
Министрите беа близу до договор во средата, но преговорите сепак беа неуспешни поради спорот меѓу Италија и Холандија, која најмногу се противи на издавање „коронаобврзница“.
Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот ги истакна длабоките поделби во Европа, а Италија и Шпанија ги обвинуваат северните држави, предводени од Германија и Холандија, дека не се доволно солидарни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.