Германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот го бранеше продолжувањето на локдаунот до 7 март. Партијата АфД и префрла на Владата дека со тоа го крши законот, додека Либералите сметаат дека парламентот не е доволно вклучен.
Во Германија никогаш немало вакви ограничувања на слободата, но рестрикциите се сепак донесени во согласност со демократските начела – изјави Меркел во нејзиното обраќање во Бундестагот.
Меркел е задоволна од развојот на ситуацијата и бројот на заразени.
Има тренд на намалување – изјави канцеларката, која истовремено ја посочи опасноста која демне поради мутациите на вирусот.
Во Германија засега се регистрирани британската, јужноафриканската и бразилската мутација. Тие се многу поагресивни и полесно преносливи од досегашните форми. Експертите се сигурни дека е само прашање на време кога мутациите ќе надвладеат над оригиналната форма на вирусот.
Токму мутациите се една од причините зошто сојузните и покраинските власти решија олабавувањата да не го врзуваат на конкретен датум, туку да се водат според инциденцијата.
Меркел посочи дека таканаречената седумдневна инциденција е 64,2 (претходно беше 68) и е во опаѓање. Вредноста се пресметува според бројот на заразени на 100.000 лица во рок од една недела. Според Меркел, За почетокот на март се очекува таа да падне на 50. Тогаш ќе може да се зборува за олабавувања на мерките и понатамошни чекори на отворање.
Канцеларката повторно, ја нагласи важноста личните контакти да се намалат на минимум. Треба да се избегнуваат и приватни патувања, вклучително и посети кај роднини. Меркел уште еднаш апелираше до работодавачите онаму каде што е возможно да се работи од дома.
Таа зборуваше и за големо потфрлање во начинот на кој минатата есен се справувале со пандемијата. Летото 2020 во Германија повторно беше возможно да се води колку толку нормален живот.
Но, потоа не бевме доволно претпазливи и не реагиравме доволно брзо“, призна Меркел. Политиката не успеа доволно брзо да го затвори јавниот живот за да се спречи раст на бројот на заразени. Бројките експлодираа како „последица на колебливото дејствување – изјави Меркел.
Во тој контекст канцеларката потсети на сите што починале со или од корона вирусот.
Тие мртви, а тоа се далеку повеќе од 60.000 лица, се наши мајки, татковци, деца, роднини, пријатели кои не можевме да ги спасиме. Тагата за нив и сочувството со нивните блиски секогаш нѐ водат кога носиме одлуки во пандемијата. Тоа им го должиме – изјави Меркел.
Како прв говорник шефицата на пратеничката група на АфД, Алис Вајдел, остро ја критикуваше владината политика.
Едно „друштво“ повторно се договорило за масовен упад во животот на луѓето – истакна таа.
На владата и’ префрли дека делува противуставно и спомена колатерални штети од немерливи размери. Вајдел ја праша владината коалиција дали сака државата да ја доведе до нивото на земја во развој. Шефицата на АфД оцени дека граѓаните се чувствувале потценети и изиграни.
Шефот на Социјалдемократите, Ролф Мицених, смета дека новите заклучоци се оптоварување, но продолжувањето на локдаунот било „соодветно, неопходно и од издржани причини“. Во обраќање пред пратениците тој, сепак, побара перспектива кога ќе може да има олабавувања.
Тоа мора да се случи со помош на „разбирливи критериуми – побара Мицених, кој посочи и дека апсолутна вистина во ваква егзистенцијална криза, не постои.
Шефот на Либералите, Кристијан Линднер, изјави дека „со оглед на големата исцрпеност во општеството“ заклучоците се разочарувачки.
Многу луѓе очекуваа повеќе од свежо потстрижување – изјави тој, алудирајќи на отворањето на фризерските салони на први март.
Линднер на владата повторно и’ префрли дека недоволно го вклучува парламентот во носењето на одлуките. За плановите на владата уште во вторникот се пишуваше во медиумите.
И шефот на Левицата, Дитмар Барш, критикуваше дека Бундестагот повторно бил информиран дури откако биле донесени заклучоците. На владата и’ префрли дека не набавила доволен број вакцини.
Шефицата на пратеничката група на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, бара појасна перспектива за натамошното постапување во пандемијата. Покрај тоа, бара поголемо внимание да се обрне на децата и младинците, кои според неа не би требало да се остават со месеци дома без образовната компонента.
Политичарката од Зелените ги критикуваше и постапките на владата во однос на субвенционирањето на бизнисите.
Субвенциите се огромен неуспех на владата. Дајте си поттик и помогнете им на луѓето навистина – изјави Геринг-Екарт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.