Британската премиерка Тереза Меј изјави дека побараното одложување на Брегзит ќе му даде можност на британскиот парламент конечно да ја спроведе волјата на граѓаните за излегување од ЕУ.

Важно е да ја прифатиме и спроведеме одлуката на британскиот народ за Брегзит. Изминаа три години од референдумот и време е Парламентот да донесе одлука. Краткорочно одложување ќе му даде можност на Парламентот да ги спроведе резултатите од референдумот за Брегзит, потенцираше Меј.

Таа, пред пристигнувањето во Брисел на Самитот на ЕУ изрази надеж дека Брегзит ќе се спроведе во една уредена постапка, односно со прифаќање на Договорот за повлекување.

На самитот на ЕУ, кој се одржува денеска и утре во Брисел, според очекувањата, Велика Британија би требало по последен пат да учествува како земја-членка. Главна тема на Самитот е токму Брегзит, кој официјално би требало да почне за осум дена. Но Меј побара одложување до 30 јуни, за што членките на ЕУ ќе треба да донесат едногласна одлука.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека лидерите на ЕУ најверојатно ќе го одобрат барањето на Велика Британија за тримесечно одлагање на Брегзит, под услов британскиот Парламент да го поддржи Договорот што го постигнаа Владата на премиерката Тереза Меј и ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.