Претседателот на САД, Доналд Трамп ги „понижи и малтретираше“ другите светски лидери меѓу кои и поранешната премиерка на Велика Британија, Тереза Меј, и германската канцеларка Ангела Меркел, тврдат неименувани разузнавачки извори од Белата куќа, пишува Си-Ен-Ен.

Говорејќи за СиЕнЕн, Карл Бернштајн, еден од двајцата поранешни новинари на „Вашингтон пост“, одговорен за откривање на скандалот со Вотергејт, изворите велат дека претседателот Трамп наводно и рекол на поранешната британска премиерка Тереза Меј дека е „слаба“ и дека „нема храброст“, а на Меркел дека е „глупава“.

Од друга страна, тој, наводно, се обидел да им се допадне на повеќе „авторитарни“ фигури како што е рускиот претседател Владимир Путин, кого го споредил со „велемајстор“, и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.

Добро упатени извори тврдат дека евентуалното детално откривање на содржините од претседателските разговори, на што Трамп има право на вето, би имале катастрофални последици по неговиот углед во јавноста и меѓу членовите на Конгресот, било да станува збор за демократите или републиканците.

Администрацијата на Трамп во моментов доживува притисоци да ги открие деталите за разузнавачките информации во врска со наводното руско мешање во нападот на Талибанците врз американските трупи во Авганистан.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.