Медицински техничар од САД се заразил со корона вирус неколку дена по примањето на вакцината на „Фајзер“.

Како што пренесува „Еј-би-си њуз“, Метју В.(45), медицински техничар од Сан Диего, ја примил вакцината против корона вирус на „Фајзер“ на 18 декември, а единствениот несакан ефект што го развил бил иритација на местото на боцкање.

Шест дена подоцна, по смената во Ковид-болницата, Метју почувствувал треска, болки во мускулите и замор. Тестот покажал дека тој е позитивен на корона вирус, но ова сценарио не е невообичаено, тврдат експертите.

Луѓето кои примиле вакцина не развиваат веднаш имунитет на корона вирусот, туку по десет до 14 дена. Освен тоа, дури и тогаш, потребно е да се прими втора доза на вакцината со оглед на тоа што првата доза обезбедува заштита од 50 проценти, а втората до 95 проценти.

Исто така, можно е медицинскиот техничар да се заразил со корона вирус пред да ја прими вакцината, бидејќи периодот на инкубација може да трае до две недели.

Медицинските експерти посочуваат дека сите овие можности укажуваат на тоа дека вакцината не е магично решение и дека ќе биде потребно време за да се сузбие пандемијата, притоа почитувајќи ги хигиенските правила, мерките за далечина и носењето заштитни маски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.