Медицинска сестра од Њујорк е првиот човек во САД кој ја примил вакцината против корона вирусот на компанијата „Фајзер“. Нејзиното име е Сандра Линдзи и работи во Еврејскиот медицински центар на Лонг Ајленд.

Kако што објавија локални медиуми, таа од март работела со тешко болни пациенти со Ковид-19.

Линдзи е вакцинирана на прес-конференција на гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо. Откако ја прими вакцината, таа изјави дека се чувствува одлично и дека не чувствува никаква разлика од вакцинирањето со која било друга вакцина.

Државата Њујорк прими 170.000 дози од вакцината на „Фајзер“ за време на викендот, а очекува да добие и 346.000 дози од вакцината на „Модерна“ неделата од 21 декември.

Американската агенција за лекови, ФДА, објави дека вакцината може да се дава на лица од 16 години и постари. Здравствените работници и старите лица во установите за долготрајна нега ќе бидат главните приматели на првата транша од 2,9 милиони дози.

Милиони Американци би можеле да се вакцинираат уште во декември, особено ако наскоро се одобри вакцината на „Модерна“. Дистрибуцијата на вакцината на „Фајзер“ е сложена затоа што мора да се чува на -70 степени Целзиусови.

Другите вакцини во висока фаза на развој ја вклучуваат вакцината на „Модерна“, која би можела да добие итно одобрување за употреба од ФДА веќе следната недела, потоа на „АстраЗенека“ направена во соработка со Универзитетот Оксфорд и на „Џонсон и Џонсон“. Вакцината на „Модерна“ ја користи истата технологија како „Фајзер“, но не мора да се чува на субарктички температури.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.