Агенцијата Блумберг јавува дека францускиот претседател Емануел Макрон планира нови чекори со кои ќе ја „изнервира“ Ангела Меркел, а еден од нив ќе биде заострување на условите за влез и движење низ Европската Унија.
Блумберг не јавува детали за тоа како би изгледал новиот план на Макрон, и дали тој ќе се одрази на државите како Македонија кои сега имаат право на безвизно патување во ЕУ, или пак фокусот ќе биде на враќање на граничните контроли меѓу земјите членки на ЕУ. Но, агенцијата вели дека планот е дел од проектот на Макрон за засилување на неговото влијание во Европската Унија и за конфронтирање со Германија.
Во текстот под наслов „Емануал Макрон има алгоритам за преземање на контролата врз Европа“, се вели дека тимот на Макрон ги подготвува неговите следни чекори за видоизменување на ЕУ така што предлозите се бодуваат врз основа на тоа на колкав отпор ќе наидат и колку силни ќе бидат нивните последици врз Унијата.
Моделот вклучува анализа на ефектот од запирањето на приемот на нови членки во ЕУ, ограничувањето на правото на патување без пасоши и соработка во одбраната. Ако ги вклучиме тука и неговите провокативни предупредувања за иднината на НАТО и влеговме во втората фаза од планот на Макрон за трансформирање на Европската Унија, пишува Блумберг.
Франција веќе има заострени правила за пристап на странски работници до нејзиниот пазар, но се очекува сега Макрон сака тие да важат на ниво на целата Европска Унија, односно да бидат прифатени и од другите земји членки.
Франција бара да се воведат годишни квоти за прием на државјани од земјите кои не се членки на ЕУ, а кои бараат работа во некоја од европските земји, предлог на кој Германија остро се спротиставува. Една од мерките кои веќе беа најавени од страна на францускиот премиер Едуард Филип е ограничување на правото на државјаните на земјите кои имаат безвизен пристап до Шенгенската зона да добиваат медицинска заштита во ЕУ. Во најавата на овој план конкретно беа посочени земји како Албанија и Грузија. Самиот Макрон, при соопштувањето на неговото вето за пристапните преговори со Македонија и Албанија и во сега веќе познатото интервју за Економист, не го криеше фактот дека е сериозно незадоволен од бројот на азиланти кои доаѓаат од Албанија, како и од исламистичките ќелии во Босна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.