Францускиот претседател Емануел Макрон побара поддршка од унгарскиот премиер Виктор Орбан да се спречи опасноста од проширување на политичката криза во Европската Комисија, откако неговата кандидатка за член на Комисијата Силви Гулард беше одбиена од Европскиот
Парламент.
Мислам дека е неопходно да имаме силна Комисија која ќе може да спроведе амбициозни проекти. Ќе преживееме во оваа геополитичка состојба само ако имаме силна Европа. Тие кои мислат дека можеме да останеме изолирани или да креираме изолација, и да бидеме силни, не се во право, изјави Макрон на заедничката прес конференција со Орбан во Париз.
Гулард беше одбиена поради нејзините деловни врски со американски организации кои ги загрижија европратениците. Претходно, и унгарскиот кандидат Лајош Трошчањи беше одбиен од правната комисија на Парламентот, под слично образложение.
Двајцата лидери досега промовираа дијаметрално спротивни визии за Европа, поради залагањето на Орбан за суверени, национални држави, додека Макрон презентираше идеи за мултилатерализам.
Би сакал да му објаснам на претседателот Макрон зошто унгарските ставови по прашањето на миграцијата се различни од тие на Франција. Подготвени сме да изразиме солидарност кон мигрантите, но на поинаков начин, изјави Орбан при денешната прес конференција за горливото
прашање на европските граници по кое Франција и Унгарија досега беа на спротиставени страни.
Но денешната средба укажува дека, по притисокот под кој се најдоа и Франција и Унгарија во Брисел, е можно да дојде до приближување на Макрон и Орбан, особено откако Унгарија одигра клучна улога во формирањето на Комисијата на Урсула фон дер Лејен. Францускиот претседател истакна дека разговорите биле искрени и корисни, и освен имиграцијата, го покриле и прашањето на климатските промени и буџетот на ЕУ.
Има разлики меѓу нас, но ќе најдеме решенија за новата Европската Комисија и за излез од актуелните политички тензии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.