Францускиот претседател Емануел Макрон побара распуштање на три расистички и антисемитски здруженија вп Франција, јави дописникот на МИА.

Станува збор за ектремно десничарските организации Социјален Бастион, Крв и Чест Хексагон и Борба 18.

Ваквото барање францускиот претседател го искажа за време на годишната вечера на Репрезентативниот совет на еврејските организации на Франција.

Бидејќи времето во кое живееме го става под прашање она што сме, Франција треба да постави нови црвени линии… Побарав од министерот за внатрешни работи да започме постапка за распуштање на здруженија и групи, кои со своето однесување ја потхрануваат омразата, ја промовираат дискриминацијата и повикуваат на насилнички акции – изјави шефот на француската држава.

Барањето на Макрон доаѓа само еден ден по собирите против антисемитизмот, откако за време на демонстрациите на „жолтите елеци“ беа забележани повеќе антисемитски испади.

Во Франција лани беа регистрирани вкупно 541 антисемитски инциденти, што е за 74 отсто повеќе во споредба со претходната години, но таа бројка сé уште е помала од 2014 година, кога беа регистриран 851 и од 2004 година, кога имаше 974 антисемитски акти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.