Судот во Асти, Италија осуди на по осум години затвор двајца Романци обвинети за обид за убиство на Македонецот Горанчо Георгиев (39), кој е во кома од март 2016 година кога се случил инцидентот, дознава 24 Инфо.

Тогаш настрадал и неговиот сонародник, Тони Фиданчо, кој имал повреди на главата и скршена бутна коска. Јавниот обвинител барал казна од десет години за браќата Адријан и Валентин Бетеа, но судијата Федерико Бели им одреди помала казна. Третиот од браќата, Алин Флорин доби една година затвор поради учество во тепачка.

Според обвинението, инцидентот се случил во местото Кастиљоне Тинела во провинцијата Кунео на 28 март 2016, понеделникот на Велигден. Тогаш дошло до расправија меѓу браќата и двајцата Македонци околу користење на заеднички простор пред една од зградите. Романците сметале дека нашинците го узурпирале просторот па повикале полиција. Откако си заминале карабиниерите дошло до тепачка во која браќата со шипки ги претепале Фиданчо и Георгиев, пред очите на трите деца на Горанчо.

Тие од терасата ја гледале целата тепачка, па 11 годишниот син, кој ги чувал двете седумгодишни близначки, ѝ испратил смс порака на мајка си, која само што заминала со автомобил да ја земе постарата ќерка. „Мамо дојди, го тепаат тато“, напишал синот на Горанчо.

За време на изрекување на пресудата, во судот биле прикажани и фотографии снимени од терасата на Георгиеви на кои се гледа како во дворот еден од обвинетите ја мие крвта од претепаните .

Гончо, кој бил поранешен професионален војник, а работел како земјоделец во локална задруга, е во кома по инцидентот. Тој вегетира и се одржува во живот во специјална болница во местото Марене. Адвокатите на Романците тврделе дека повредата на главата поради која Горанчо е во таква состојба настанала откако лошо паднал на земја по добиен удар.

Освен затворски казни, судот на браќата Бетеа им наложил првично, но веднаш да го обештетат Горанчо со 100.000 евра, исто толку за неговата сопруга, по 50.000 евра за секое дете, како и 30.000 евра обештетување за Фиданчо.

По пресудата, сопругата на Горанчо, Миранка рекла „осум години се малку, мојот сопруг никогаш нема да им се врати на децата“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.