Во извештај на Обединетите Нации се потврдува дека минатиот октомври во Јемен бил уапсен лидерот на Ал Каеда на Арапскиот полуостров, Калид Батарфи.

Батарфи, познат како Абу Микдад ал-Кинди, беше уапсен во октомври за време на операција во Ел Геида, при што беше убиен и заменик командантот Сада Атеф ал Аулаки – се вели во документот на ОН.

Во извештајот не се наведени податоци за тоа кој го уапсил Батарфи.

Ова е прва потврда за апсењето, коешто беше објавено во октомври од страна на СИТЕ, веб-страница специјализирана за надзор на терористички организации. Според неофицијалните податоци објавени од СИТЕ, апсењата ги извршиле јеменските безбедносни сили.

Мрежата на Ал Каеда на Арапскиот полуостров е широко распространета во Јемен, а официјален Вашингтон ја смета за особено опасна.

Ал Каеда на Арапскиот полуостров ја презеде одговорноста за неколку напади во САД и Европа, вклучувајќи го и нападот врз воздухопловната база на Флорида во 2019 година, како и врз редакцијата на весникот „Шарли Ебдо“ во Париз во 2015 година. Терористичката организација во Јемен изврши напади и против бунтовниците Хути и владините сили.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.