Политичарот кој е симбол на борбата за слобода во Полска, Лех Валенса, објави емотивна видео порака на социјалните мрежи пред да замине на операција во хируршка сала.
Се јавувам од болницата. Што следува, само времето ќе покаже. Без да знам кога повторно ќе се сретнеме и дали тоа воопшто ќе се случи, би сакал да кажам дека направив сè за да и служам добро на нацијата. До следниот пат, ако судбината ми дозволи да останам малку подолго на оваа Земја. Ако не, молете се за мене – истакна 77-годишниот добитник на Нобелова награда за мир и поранешен полски претседател во видео пораката објавена на Фејсбук.
Поранешниот лидер на работничкото движење „Солидарност“, кое по мирен пат стави крај на комунизмот во Полска во 1989 година, не изнесе никакви детали за операцијата.
Неговиот секретар, Марек Качмар, изјави дека Валенса е во болница „поради планираната замена на батеријата на пејсмејкерот“, но дека имал компликации.
Се покажа дека некој дел од жицата која влегува во срцето веројатно е скршен – додаде Качмар.
Операцијата е закажана за утре, освен ако денешните тестови не покажат дека ќе биде потребна итна интервенција.
Качмар истакна дека сите се надеваат на најдоброто, но треба да се има предвид дека сè може да се случи.
Како електротехничар во бродоградилиштето во балтичкиот пристаништен град Гдањск, Валенса организираше штрајк во 1980 година, во кој учествуваа 17.000 работници од бродоградилиштето.
Откако доби милиони следбеници во Полска, комунистичкиот режим беше принуден да го признае „Солидарност“ како прв и единствен независен синдикат во советскиот блок.
Во 1983 година Валенса ја доби Нобеловата награда за мир за лидерството во движењето „Солидарност“.
Подоцна во 1990 година тој стана првиот демократски избран претседател на Полска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.