Израелската полиција уапси три лица по обвинение за спроведување измама тешка 8 милиони долари, во која оштетени се домашни бизнисмени кои верувале дека соработуваат со француски министер.

Осомничените, за кои се смета дека се со француско-израелско потекло, наводно направиле копија на кабинетот на францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дриен од каде правеле видеоповици преку Skype.

Еден од нив се преправал дека е министерот лично, додека другите го воделе лажниот кабинет. Тие наводно им кажувале на жртвите дека им требаат пари за тајни операции на Министерството за надворешни работи за да плаќаат откуп за заложници во Сирија и Мали.

Тројцата обвинети негираат каква било вмешаност во измама.

Осомничените, на возраст од 37 до 47 години, се товарат за обид за измама на бизнисмени и директори на големи компании на француската берза на акции, кажувајќи им на жртвите дека трансакциите мора да се држат во тајност.

Измамниците направиле копија на кабинетот на Ле Дриен на локација во Израел, со ист таков мебел, портрет на францускиот претседател Емануел Макрон и француското знаме во позадина. Еден од нив лажно се претставувал како министерот во видеоповици од „кабинетот“. Исто така комуницирале преку мејлови и телефонски разговори.

Француската полиција соработуваше со израелската единица Lahav 433 за да ги лоцираат осомничените во Тел Авив.

Измамниците биле уапсени на 26 април, при обид да ѝ пристапат на нова жртва која била подготвена да им даде 2 милиони евра. Жената дошла на закажаната средба во придружба на полицијата.

Двајца биле уапсени на самото место, а третиот се обидел да побегне, но подоцна бил фатен. Наводно запленета е и јахта во Тел Авив поврзана со измамата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.