Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, порача дека во моментов не се размислува за меѓународно признавање на талибанците и нивната власт во Авганистан.

Прашањето за меѓународно признавање на талибанците во моментов не е на маса – изјави Лавров на прес-конференција.

Тој зборуваше на маргините на годишниот собир на светските лидери во Њујорк на Генералното собрание на ОН, а неговите коментари следуваат откако талибанците назначија претставник во ОН, при што дојде до конфликт околу претставувањето на Авганистан во ова меѓународно тело.

Талибанските власти во Кабул ги известија ОН дека Авганистан веќе нема да биде претставуван од досегашниот претставник и дека тие го именувале портпарол на организацијата во Доха, Сухаин Шахин, за нов амбасадор во ОН.

Талибанците побараа да им се обратат на светските лидери на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а министерот за надворешни работи Амир Кан Мутак испрати писмо до ОН со такво барање.

Актуелниот амбасадор на Авганистан во ОН, Гулам Исакзај, кој ја претставува владата што беше соборена од талибанците, исто така, побара обнова на акредитацијата во ОН.

Русија е членка на деветчлениот Комитет за акредитиви на ОН, заедно со Кина и САД, кои подоцна оваа година ќе разговараат за спротивставените барања за претставување на Авганистан во ОН.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно порача дека желбата на талибанците за меѓународно признавање е единствениот лост кој останатите земји можат да го искористат и да извршат притисок да формираат инклузивна влада и да ги почитуваат човековите права, особено на жените. гт/

2021-09-25 20:25:09, од Габриела Точк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.