Веќе зборував дека, за жал, НАТО својата смисла на постоење ја гледа исклучиво во сопирањето на Руската Федерација – вели министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров во интервјуто за „Московски комсомолец” на прашањето за тоа како приклучувањето на Црна Гора и Македонија кон НАТО ѝ се заканува на руската национална безбедност.
Кога почнаа Црна Гора и Македонија да ги влечат во НАТО без јасна основа, „без пардон” ја искористија ситуацијата со името на Македонија. Го одржаа референдумот со најгрубо кршење на Уставот, кој во Македонија налага на референдумот да се постави само едно прашање, а во овој случај имаше три прашања – дали сакате да станете членка на Европската Унија, членка на НАТО и дали сте подготвени заради тоа да се смени името на земјата. Во принцип, се разбира, ова е измамничко прашање – вели Лавров.
Тој вели дека било нечесно што ги обвиниле дека се обидуваат да го спречат референдумот.
Единствено на што обрнувавме внимание е дека треба да се почитува Уставот на Македонија, според кој министрите немаа право да ја потпишуваат Преспанската спогодба. Тоа е работа на претседателот, а претседателот Ѓорге Иванов многу јасно ја изложи својата позиција против овој процес. Тој едноставно беше игнориран, со што грубо беше прекршен основниот закон на Македонија. А нашите западни колеги, меѓу кои се генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германската канцеларка, Ангела Меркел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, која патуваше во Скопје, велеа дека таму треба да кажат „да, да, да” на тој референдум – објаснува Лавров.
Сега кога Црна Гора стана членка на НАТО, а таму ја вовлекуваат и Македонија, сигурен сум дека таму ќе се појават воени објекти. Тоа никому нема да донесе радост. Воената инфраструктура повторно се движи кон исток. Тие ќе бидат принудени да трошат пари за да купат американско оружје. А во Европа нема да стане помирно – изјави Лавров во интервјуто за „Московски комсомолец“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.