Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, истакна дека економијата во еврозоната почнува да се опоравува од падот предизвикан од пандемијата, но дека закрепнувањето и натаму е кревко.

Претставници на ЕЦБ почнаа дебати за тоа кога треба да ја намалат вредноста на кризната програма за откуп на обврзници, преку која од почетокот на пандемијата во финансискиот систем се внесени повеќе од 1.000 милијарди евра.

Лагард сигнализира дека сè уште не е подготвена да ја затвори кризната програма за купување обврзници во пандемија (ПЕПП).

Се согласивме дека ПЕПП ќе остане на сила барем до март 2022 година и во секој случај додека не процениме дека кризната фаза со корона вирусот е завршена. Закрепнувањето почна, но, сепак, е кревко – порача шефицата на ЕЦБ во интервју за францускиот дневен весник „Ла Прованс“.

Гувернерот на Бундесбанк, Јенс Вајдман и гувернерот на австриската централна банка, Роберт Холцман, во понеделникот на Управниот совет на ЕЦБ зборуваа за можноста за откажување на програмата вредна 1,850 милијарди евра, со оглед на почетокот на процесот на закрепнување.

Фабио Панета, италијански член на извршниот одбор на ЕЦБ, пак, предупреди дека поддршката не треба да се повлекува прерано бидејќи пандемијата сè уште не е завршена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.