Истражните органи во Германија вршат претреси во неколку објекти поврзани со германската исламистичка сцена. како што пишува „Дојче веле“, станува збор за лица кои наводно биле во контакт со атентаторот од Виена.

Атентаторот од Виена, Кујтим Фејзулаи, кој во понеделникот уби четири и повреди повеќе од 20 лица во неговата убиствена мисија во центарот на Виена, имал контакти и со исламистите во Германија. Сега постојат конкретни индикации за тоа.

Според јавниот сервис АРД, од денеска наутро, во тек е полициска акција во неколку објекти, а претреси се вршат Касел, Оснабрик и Пинеберг во северна Германија.

Фејзулаи, Албанец со потекло од тетовски Челопек, роден во Виена, се сретнал лично со двајца германски исламисти ова лето во Виена. Имал директен и индиректен контакт со другите двајца преку интернет, пренесува АРД, повикувајќи се на истрагата.

Германските власти не претпоставуваат дека лицата против кои се спроведува акцијата се директно вклучени во подготовката на атентатот во Виена, но, како што соопшти Државното обвинителство, станува збор за обезбедување докази.

Неколку медиуми деновиве објавија дека атентаторот од Виена, кој бил осуден минатата година за обид да се приклучи на т.н. Исламската држава во борбите во Сирија, а потоа ослободен од затворза време на неговиот престој во Турција, споделил стан со германски исламист.

Австриските власти во моментов водат истрага во рамките на мрежата на австриските исламисти, а 15 лица биле приведени веднаш по атентатот. Според некои информации, Кујтим Фејзулаи имал контакти и со швајцарската исламистичка сцена.

Целта на истрагата е исто така да се добијат сознанија за можна нова организација на Исламската држава и да се добијат сознанија за тоа дали оваа терористичка организација обезбедила логистичка поддршка при подготовката на атентатот во Виена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.