Во германскиот парламент владее позитивно мислење за Македонија и тоа ќе се преточи во поддршка на почетокот на преговорите на земјата со ЕУ во октомври, вели за Дојче веле, Гунтер Крихбаум, пратеник на владејачката конзервативна партија на канцеларката Ангела Меркел и претседавач со Комисијата за ЕУ во Бундестагот.
Крихбаум денеска во Берлин разговараше со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој претходно се сретна и со својот колега по функција Хајко Мас. По средбата, Крихбаум вели дека „позитивно и оптимистички гледа на шансите на Македонија“.
Со министерот Димитров имавме многу добра и информативна средба. Што се однесува до почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, тоа се уште не може целосно да се одвои од прашањето како ќе оди понатаму со Албанија. Но, едно можам со сигурност да кажам, а тоа е дека атмосферата во германскиот парламент во однос на Македонија е многу позитивна и дека Македонија има позитивен имиџ во Германија. Оттука, убеден сум, иако можам да зборувам само за Бундестагот, а не и за парламентите во Европа, а уште помалку за ЕУ, дека за Македонија ќе има позитивно решение, вели Крихбаум за ДВ.
Дали Бундестагот ќе даде зелено светло овој месец и која е временска рамка Крихбаум вели:
На напорите на земјата се гледа многу позитивно. Особено со Преспанскиот договор се надмина еден долгогодишен спор со Грција. Но тоа не значи дека не претстои уште многу работа. Натамошни реформи на правосудството, подобра економска клима и привлекување на странски инвеститори, и во многу други сектори, да не ги забораваме слободата на медиумите и новинарството. На тие полиња е потребен натамошен напредок. Притоа, ние не зборуваме за членство во ЕУ оваа година, туку за почеток на преговорите. Тоа ќе биде долг процес за кој ќе биде потребно и големо трпение, но патот е јасен – во насока на ЕУ. Што се однесува до временската рамка, планираме кон крајот на септември да разговараме за Македонија во Комисијата за ЕУ на Бундестагот, а потоа ќе следи и одлуката на Бундестагот.
Целиот текст на Дојче веле
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.