Триесет и шест американски научници од Њујорк напишале отворено писмо до градоначалникот и градските служби на Њујорк, во кое ги повикуваат да направат повеќе за да го запрат ширењето на пандемијата на новиот коронавирус, познат како ковид-19, во државата со 19 милиони жители каде досега има 62 потврдени случаи.

Медицински експерти специјализирани за заразни болести од неколку њујоршки универзитети во писмото бараат „драстични мерки“ иако истакнуваат дека се свесни дека се „непопуларни и може да имаат политичка цена“.

Сите ние сме свесни за сознанијата од ширум светот за трансмисијата, симптомите, смртноста и влијанието на ковид-19 врз здравствените системи. Ширењето на САРС-КоВ-2 (вирусот што предизвикува ковид-19) може да биде исклучително брзо, особено во густо населените градови, се наведува во нивното писмо.

Нашиот став е дека властите на Њујорк мора да дејствуваат сега. Препорачуваме социјалното дистанцирање активно да се имплементира, не само да се препорачува. Настаните со голем број луѓе треба да бидат забранети. Можеби најважно и најконтроверзно, училиштата треба да бидат затворени во наредните неколку дена, оценуваат научниците потписници.

Во моментот кога ова го пишуваме, Њујорк има 62 потврдени случаи на САРС-КоВ-2 инфекција. Најверојатно е дека вистинскиот број на инфекции кои остануваат недетектирани е многу поголем, со оглед на недостаток на тестирања во тие размери што ќе овозможат точна проценка на преваленцата и инциденцата. Клучно е дека веројатно ќе продолжиме да бидеме слепи за вистинските размери на преваленцата на САРС-КоВ-2 во градот, во клучен момент кога треба да се донесат одлуки кои можат драматично да влијаат на епидемијата, предупредуваат овие инфектолози.

Но, овие мерки ќе ја намалат епидемијата ковид-19 ако се имплементираат навреме. Другите градови што се двоумеа кога беше потребна акција плаќаат висока цена. Не треба да се коцкаме со животите на њујорчаните, заклучуваат овие научници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.