Вршителот на должност министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли објави дека неговата земја нема да присуствува на годинешната церемонија на врачување на Нобеловата награда за литература, бидејќи годинава му е доделена на австрискиот писател Петер Хандке, јави дописникот на МИА од Приштина.
Негативните реакции од Косово на Нобеловата награда за Хандке, но и од повеќе други страни, меѓу кои и од Босна и Херцеговина, Хрватска итн., следат поради отворената поддршка што австрискиот писател му ја даваше на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ, кој почина во притворното одделение на Меѓународниот суд во Хаг, каде му се судеше за воени злосторства во споменатите земји.
Актуелниот шеф на косовската дипломатија, преку објава на социјалните мрежи, ја повика и официјална Тирана да го бојкотира чествувањето на „пријателот и поддржувачот на политиките на Милошевиќ“ на церемонијата во шведската престолнина Стокхолм.
Косово нема да учествува на доделувањето на Нобеловите награди во Стокхолм годинава. Јас потврдувам дека нашата амбасадорка Шкендије Геци-Шерифи ќе го бојкотира овој настан поради контроверзниот добитник на наградата, Петер Хандке, пријателот и поддржувачот на политиката на Милошевиќ. Исто така очекувам и од амбасадорот на Албанија да дејствува на идентичен начин – напиша Пацоли.
Приштинските медиуми објавија денеска дека и „високи претставници на шведската Академија“ ќе ја бојкотираат церемонијата.
Според извештаите, таква одлука донел поранешниот секретар на највисоката научно-уметничка институција на Шведска, која ја доделува наградата, Петер Енгланд, кој за лондонски „Гардијан“ изјавил дека „прославувањето на Нобеловата награда за Петер Хандке би било големо лицемерие“ од негова страна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.