Во Франција до 13 часот се регистрирани 73 случаи на заболени од новиот коронавирус, од кои 59 се на болничко лекување, 12 се излекувани и двајца починаа, јави дописникот на МИА.
Бројката ја даде министерот за здравство Оливие Веран, по завршувањето на вонредниот состанок на Владата со претседателот Емануел Макрон. Францускиот претседател го одржа и Советот за Одбрана на кој се расправаше за ситуацијата со епидемијата на Ковид-19.
Од вчера до денеска до 13 часот се регистрирани 16 нови случаи. Меѓу заболените има и три лица кои се од медицинскиот персонал на болницата Тенон во Париз, каде се лекува еден тежок случај на лице заболено од коронавирусот.
Нашата земја го премина вториот стадиум на утврдената превенција од страна на властите. Целта е да се ограничи ширењето на вирусот и да се спречи, колку што е можно преминувањето во третиот стадиум, за време на кој вирусот може да се прошири и да се движи пошироко во населението – потсети министерот.
Сите спортски, културни и други манифестации на кои има повеќе од 5000 учесници во затворен простор се забранети. Полумаратонот во Париз и последниот ден од саемот за земјоделство во Париз нема да се одржат, како и денешниот карневал во Анеси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.