Лидерот на британската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави дека нема да ја предводи оваа партија на следните избори по „многу разочарувачката ноќ“.

Корбин порача дека ќе остане на чело на партијата во текот на процесот на размислување за резултатите од вонредните парламентарни избори, кои, како што наведува Би-Би-Си, се најлошите што лабуристите ги оствариле од 1935 година досега.

Ова очигледно е многу разочарувачка ноќ за Лабуристичката партија, со резултатите што ги добивме. Нема да ја предводам партијата ни во каква идна предизборна кампања, рече Корбин, а пренесуваат британските медиуми.

Тој додаде дека Брегзит ја поларизира и подели дебатата во Велика Британија и дека ја поништи „толку нормалната политичка дебата“.

Признавам дека тоа придонесе за резултатите кои Лабуристичката партија ги оствари вечерва ширум земјата, рече Корбин.

Конзервативната партија на Борис Џонсон оствари убедлива победа на вчерашните избори и обезбеди мнозинство во парламентот, со што е отворен патот кон реализација на Брегзит.

Според Би-Би-Си, конзервативците освоија 364, а лабуристите 203 пратенички мандати



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.