По вчерашниот настап на Самитот за климатски промени во Обединетите нации (ОН) сите разбраа за 16-годишната Грета Тунберг, екоактивистката од Шведска која го помина Атлантскиот Океан во едрилица за да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и да пристигне во Њујорк и да го одржи говорот по кој јавноста остана фрапирана и затечена. Не дека не ги знаеше фактите за кои говорше Тунберг, туку од настапот на девојката.
Како се осмелувате? Очите на идните генерации се вперени во вас и доколку одлучите да нè изневерите, ние никогаш нема да ви простиме.
Ова е погрешно. Не треба да стојам овде. Треба да се вратам во училиште, на другата страна од океанот. Ги украдовте моите соништа и моето детство со вашите празни зборови. А сепак, јас сум една од среќните. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Целиот екосистем се распаѓа. Ние сме на почетокот на масовно истребување. И сè за што можете да разговарате се пари и бајки за вечен економски раст. Како се осмелувате!, порача Тунберг во емотивното обраќање.
Која е Грета Тунберг? Таа е номинирана за Нобелова награда, се поздравува со Барак Обама и е предводник на најголемата младинска револуција за климатски промени до денес. Накратко, Швеѓанката е глобална револуционерна икона за младите, за оние што демонстрираат против климатските промени и против еколошката апокалипса.
Малкумина од оние кои деновиве се запознаа со она што Грета го прави знаат дека таа е дете со Аспергер. Аспергеровиот синдром е пореметување (иако има несогласувања околу терминот ‘пореметување’) од аутистичкиот спектар. Аспергеровиот синдром е познат и како болест на „малите професори” затоа што децата со Аспергер можат да станат експерти на конкретни теми.
Највпечатлив симптом кај Аспергеровиот синдром претставува опсесивниот интерес на лицето во еден објект или тема. Децата со Аспергеров синдром сакаат да знаат сè за својата тема од интерес. Нивната експертиза, високото ниво на вокабулар и официјалниот говор ги прават да изгледаат како мали професори. Други карактеристики се повторувачки рутини или ритуали; особености во јазикот и говорот; социјално и емотивно несоодветно однесување и неможноста да комуницираат успешно со врсниците; проблеми со невербалната комуникација и несмасни и некоординирани моторни движења.
Грета навистина е за почит од повеќе аспекти. Таа е силно мотивирана и елоквентна. Но очигледно е дека ја искористуваат. Таа е ставена во првите редови на најстрашното и најсуеверно движење во нашата ера. Таа е претворена во главна портпаролка на апокалипсата, гласноворничка за екомизантропијата, пророчица на ужасите на човештвото за кои самото е виновно. Се чини дека целта е екологијализмот да стане неспорна, недопирлива идеологија. Секој што барем малку ќе се посомнева во еколошките глупости ќе се најде на удар затоа што ги критикува Грета и другите деца како неа, што се грижат за природата. Овие деца се користат како морален штит од страна на возрасните кои сакаат да ги заштитат бизарните политики на екологијализмот од сомнежи и критики, пишуваат светските медиуми по нејзиниот говор во Њујорк.
Затоа и познавачите гласно го поставуваат прашањето дали е во ред да се искористува некој кому очигледно му треба поинаков пристап отколку на останатите инволвирани во овие теми. А факт е дека овие прашања мора итно и веднаш да се решаваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.