Марио Драги никогаш не избегнал предизвици, од спасување на угледот на италијанската Централна банка до спасување на еврото, и сега се подготвува да преземе уште потешка задача, коментираат светските медиуми.
Нешто повеќе од една година по напуштањето на претседателството со Европската централна банка со седиште во Франкфурт, Драги (73) доби мандат од претседателот на Италија, Серџо Матарела, за решавање на политичкиот хаос во Рим и формирање на 67-та повоена Влада.
Од човек кој поради својата кариера го заслужи прекарот „Супер Марио“, очекувањата се многу големи.
Доколку биде успешен, Драги ќе ја заврши својата извонредна кариера и би можел да биде кандидат за следен шеф на државата во 2022 година. Урбан, космополитски настроен и со благ карактер, Драги никогаш не направил драма од криза.
Тој беше клучна фигура во бурните рани 1990-ти кога Италија беше принудена да го напушти европскиот Механизам за курсна размена, ја девалвираше својата валута и се соочи со ризик да не може да стане членка на Европската монетарна унија.

Медиумите тогаш го смислија прекарот „Супер Марио“ поради неговата френетична активност како генерален директор на трезорот.
Откако ја напушти Италија за да стане потпретседател на Голдман Сакс во Лондон од 2002 до 2005 година, репутацијата на Драги како менаџер за кризи повторно се најде во прв план кога беше поканет во Рим да ги регулира средствата на италијанската централна банка, бидејќи претходниот гувернер Антонио Фацио беше сменет поради корупциски скандал.
Неговата репутација во Централната банка на Италија му го отвори патот кон позицијата претседател на Европската централна банка од 2011 до 2019 година.
Некои аналитичари сметаат дека новата задача за Драги ќе биде невозможна мисија и оти има повеќе шанси да не успее отколку да успее
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.